Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак и заменик помошникот државен секретар на САД, Метју Палмер, се во посета на Косово за да разговараат со највисоките косовски функционери. Лајчак и Палмер вчера разговараа со претседателката на Косово Вјоса Османи Садриу и со премиерот Албин Курти кој ја поздрави соработката и координацијата меѓу Европската унија и Соединетите Американски Држави во пресрет на, како што оцени, „новиот процес на дијалогот меѓу Косово и Србија“. За денеска е најавена заедничка прес-конференција на Лајчак и Палмер по што Лајчак ќе отпатува за Белград.
Палмер: САД и ЕУ работат Западен Балкан да стане дел од ЕУ
Посетата на претставниците на ЕУ и на САД задолжени за Западен Балкан се случува во пресрет на најавеното продолжение на дијалогот за решавање на споровите меѓу Косово и Србија, кое треба да се одржи во текот на месец јуни во Брисел, со средба на косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ.