Пациентката на која вчера ѝ беше трансплантирано срце е стабилна. Вчера имаше некои мали крварења, но тој проблем е решен и денеска е дефинитивно стабилна, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче.
„Верувам во таа насока ќе продолжи и во текот на денешниот ден. Сега е ситуација кога секој час, секоја минута е битна. Се пратат параметрите на секој час и во делот на анализа на крвната слика и во делот на параметрите на дишењето, работата на срцето. Сè уште е рано, меѓутоа добри се знаците“, додаде Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по настанот на армискиот полигон „Криволак“, каде беше организиран Ден за високи гости на вежбата „Одлучен удар 21“.
Во меѓувреме, Министерството за здравство информира дека и двајцата пациенти на кои вчера им беа трансплантирани бубрези од починат донор се чувствуваат добро.
Трансплантацијата на срце беше извршена кај 32-годишна жена, а на бубрезите кај 44 годишен маж и кај 30 годишна жена.
Срцето и двата бубрега се донирани од 40-годишна пациентка со мозочна смрт, а нејзиното семејство се согласило да ги донира органите.