Авион на Рајанер кој летал од Даблин до Краков бил пренасочен кон Берлин, откако екипажот добил предупредување за „потенцијална безбедносна закана“ во авионот, соопштија денеска од авиокомпанијата со седиште во Ирска.
Во нивното соопштение се наведува дека германската контрола на летање на 30 мај го предупредила екипажот за потенцијална закана, што го поттикнало капетанот да ги следи процедурите и да слета на најблискиот аеродром, односно во Берлин, каде што патниците биле изнесени од авионот.
Германски полицајци извршиле проверка на патниците и на целиот багаж и утврдиле дека нема опасност, соопштија од авиокомпанијата. По седум часа доцнење 160 патници биле однесени во Краков со друг авион. Ниту од Рајанер, ниту од полицијата не соопштуваат за каква опасност станува збор.
Овој случај следува откако пред една недела авион на Рајанер беше пресретнат од белоруски борбен авион и беше принуден да слета во Минск. На комерцијалниот лет со авионот на Рајанер од Грција до Литванија патувал белоруски новинар кој потоа заедно со неговата девојка беа уапсени во Минск. Белоруските власти тврдеа дека добиле информации дека има бомба во авионот.
Во авионот не беше пронајдена бомба. Потегот на Белорусија предизвика меѓународни осуди и барања за ослободување на новинарот. Европската унија забрани летови од Белорусија.