Заменик- гувернерот на американската сојузна држава Вермонт, Моли Креј и секретарот за трговија и развој на заедниците, Линдзи Карл, заедно со генерал мајор Грег Најт од Националната гарда на Вермонт се во посета на Северна Македонија од 30 мај до 3 јуни 2021, како дел од Програмата за државно партнерство, соопшти Амбасадата на САД во Скопје.
Во насока на унаредување на 28-годишното партнерство меѓу Северна Македонија и Националната гарда на Вермонт, делегацијата ќе има средби со претставници од владата и од бизнис заедницата и ќе разговара за можности за проширување на партнерството меѓу армиите и економска соработка меѓу Северна Македонија и Вермонт.
Во текот на посетата, гостите ќе присуствуваат на денот на високи гости за воената вежба Одлучен Удар 21, и ќе се сретнат со вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерот за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за здравство Венко Филипче и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арианит Хоџа.
Програмата за државно партнерство поврзува сојузни држави на САД со други земји, со цел остварување безбедност и иницирање економски врски. Програмата за партнерство меѓу Вермонт и Северна Македонија почна во 1993 и вклучува кратки годишни ангажмани со ограничен опсег меѓу армиите на двете земји, заедничко учество во вежби и распоредување на сили во Авганистан во 2010 година, каде што единиците од Северна Македонија рапортираа директно на штабот на 86-та Бригада.
Програмата за државно партнерство сега вклучува и медицински и ангажмани за заштита и спасување. Тековното рагледување на можности за економско партнерство меѓу Вермонт и Северна Македонија е логична еволуција на програмата, се вели во соопштението од Американската амбасада.