Министерството за надворешни работи (МНР) ќе ги вмрежува успешните луѓе од дијаспората и ќе ги вклучува во креирањето политики и носењето одлуки за развој на општеството, а ќе добијат поддршка и од домашните институции за да почнат свои бизниси овде. За таа цел денеска на прес-конференција беше претставен проектот „МКарта“.
Според министерот за надворешни работи, Бујар Османи, идејата е во оваа платформа да се вклучат успешни бизнисмени, научници, лекари, информатичари, спортисти… и да се спречи одливот на мозоци.
„Нашата цел е да создадеме платформа, мрежа на наши видни и успешни личности во дијаспората со што ќе придонесеме одливот на мозоци да се претвори во циркулација на мозоци односно да ги вклучиме во нашите општествени текови“, изјави Османи.
„Слободоумни“ - Епизода: Да се отселам или да останам во Македонија?
Тој вели дека преку проектот „МКарта“ тие ќе добијат влезен билет со кој ќе се интегрираат во македонското општество и ќе се искористи нивниот потенцијал. Проектот стартува од утре од кога Дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП) ќе треба да ги идентификуваат успешните иселеници, а потоа комисија во МНР ќе направи проценка на кои од овие луѓе ќе им се додели ваков влезен билет или, како што уште го нарекува Османи, „специјална лична карта“. Покрај предлозите од ДКП-та, министерот ги повика и иселениците само да се јават по електронски пат.