Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на денешната прес конференција, изјави дека португалскиот предлог за надминување на проблемот со Бугарија, покрај тоа што ги адресира ставовите на двете држави - Македонија и Бугарија, ги вклучува и позициите на земјите членки на Европската унија (ЕУ).
„Португалскиот предлог е креативно решение коешто ги адресира сензитивностите на сите три страни. Тоа се нашата позиција, бугарската и на земјите членкина Унијата. Очигледно и земјите членки на ЕУ имаат став по однос на тоа каков ќе биде преговарачкиот процес, бидејќи тоа што ќе се постави како модел со нас, утре ќе направи преседан и за другите земји кандидати за членство. Тоа би можело да отвори големи проблеми, имајќи предвид колку билатерални прашања има во регионот. Од тука интересот и на самите членки, не заради нас, туку за да го заштитат процесот“, рече Османи.
Како што нагласи министерот, идентитетските прашања не биле дел од тој предлог, туку негова цел било да внесе предвидливост во имплементацијата на Договорот за пријателство“.
Македонија од декември лани е со вето од Бугарија за старт на преговорите за членство во ЕУ. Софија го обвинува Скопје дека не го почитува Договорот за добрососедство, но инсистира и на тоа Македонија да признае бугарски корени на идентитетот и јазикот. Македонската влада вели дека идентитетот и јазикот се црвените линии и дека ниту се преговарало, ниту ќе се преговара за нив.