Вкупната вредност на Интервентниот план за инвестиции ИПИ 2021-2027 изнесува повеќе од осум милијарди евра, соопшти премиерот Зоран Заев при денешната презентација во Владата. Најголем дел од нив, како што кажа, се приватни инвестиции или грант донации од ЕУ, концесии, јавни приватни партнерства, или се заедно - вкупно 4,2 милијарди евра.
Тој за следните пет години најави голем број на инвестиции во ски-центри, енергетиката, патната, железничката и гасната инфраструктура, капацитети за преработка на отпад, како и најмалку 30 странски инвестиции во вредност од 654 милиони евра во блиска иднина на повеќе локации во земјава со голем број нови работни места.
„Наши државни пари од сопствен буџет, а дел од кредитните линии коишто се потпишани се повеќе од 3,8 милијарди евра, што значи заедно надминуваме осум милијарди евра инвестиции“, прецизираше Заев.
По изјавите на Заев, реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Зоран Заев пред 2 години ветуваше 5 милијарди eвра инвестициски циклус. Ни инвестиции видовме, ни бутур. Напротив долгот порасна 1,7 милијарда евра и е на историски највисоко ниво. Нема да не изненади доколку вети и 800 милијарди евра, бидејќи хартијата ги трпи лагите на Заев, ама народот памти колку пати излажал“, изјави Гордана Димитриеска Кочоска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.