Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, денеска во Тетово изјави дека „останувана ставот дека во наредниот период, јуни ја дава најдобрата шанса за почеток на преговорите со Европската унија (ЕУ)“ и дека пред тоа остануваат уште две недели за да се надминат разликите со Бугарија.
„Има сериозен ангажаман на Португалското претседателство, знаете и со конкретниот предлог којшто ние го проценивме како добра основа за надминување на разликите. Сметаме дека португалскиот предлог ги адресира сензитивностите на трите страни, нашата страна, бугарската страна и на земјите членки коишто очекуваат дека преговарачкиот процес нема да биде контаминиран со билатерални прашања и дека тоа може да биде добра основа за надминување на разликите“, изјави денеска Османи.
Тој, при денешната посета на Општина Тетово, наведе дека продолжуваат со враќањето на довербата со Бугарија.
„Продолжуваме во враќањето на довербата, има еден конструктивен однос, конструктивна реторика меѓу нас и бугарската Влада. Овие контакти коишто се случија, се важни во враќањето на таа дверба и очекувам таа комуникација да се интензивира во наредниот период. Да се обидеме да ги адресираме сензитивностите и на бугарската страна, меѓутоа се разбира запазувајќи ги и нашите сензитивности во однос на прашањето“, нагласи министерот.
Шефот на дипломатијата смета дека алармот е подигнат дека регионот стига до критичната точка на губење на кредибилитетот на процесот и на критична точка на прекршување и тоа, како што рече, го сфаќаат и во Бугарија, го сфаќаме и ние и земјите членки.
Македонија од декември лани е со вето од Бугарија за старт на преговорите за членство во ЕУ. Софија го обвинува Скопје дека не го почитува Договорот за добрососедство, но инсистира и на тоа Македонија да признае бугарски корени на идентитетот и јазикот. Македонската влада вели дека идентитетот и јазикот се црвените линии и дека ниту се преговарало, ниту ќе се преговара за нив.