Владата на денешната седница одржана преку видеоконференциска интернет врска, донесе Одлука за повлекување на Законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, кој се наоѓа во собраниска процедура.
„Во известувањето, кое го прифати Владата беше изнесено дека во изминатиот период ресорното Министерство за транспорт и врски организираше работни средби со претставници на комори и асоцијации од областа на градежништвото, урбанизмот, претставници на граѓанскиот сектор и учествуваше во јавни дебати организирани од страна на останати субјекти, на кои беа дадени забелешки за одредени законски решенија и предлози и сугестии за нивно доуредување“ соопшти владината прес-служба.
Во соопштението се вели дека Министерството за транспорт и врски ќе изработи нов Предлог-закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, согласно дадените забелешки.
Предлог-законот претхдно беше изгласан од пратениците, но не доби потпис од претседателот Стево Пендаровски, со образложение дека има кршење на Уставот.