Анкетна комисија оцени дека албанскиот претседател Мета ги прекршил уставните надлежности

Претседателот на Албанија Илир Мета

Во финалниот извештај на албанската парламентарна анкетна комисија се наведува дека е утврдено оти со активноста и изјавите за време на изборната кампања и денот на изборниот молк, претседателот на државата Илир Мета ги прекршил неговите уставни надлежности. Во извештајот што, по усвојувањето од страна на комисијата, го презентираше претседателот на комисијата, социјалистот Алкет Хисени, се наведува дека претседателот Мета го „нарушил уставниот принцип да биде претставник на националното единство“.

Во документот се наведува дека претседателот на Републиката одржува еднострани политички позиции, кршејќи го Уставот за политичка непристрасност. Хисени кажа дека во своите изјави претседателот Мета ги загрозил и односите со Соединетите Американски Држави и ја нападнал американската амбасадорка Јури Ким. Извешатајот ќе биде доставен до парламентот, а според најавите на дневен ред на пленарна седница на законодавниот дом треба да се најде на 10 јуни.

Портпаролот на Мета, Теди Блуши по објавувањето на извештајот рече дека нема да коментираат и оти ни најмалку не се вознемирени и загрижени за „ нелегалните одлуки или активности што ги спроведува еднопартиско собрание“.