Двете собраниски комисии – за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија го прифатија предлогот на Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ да се иницира референдум за граѓаните да се изјаснат за Предлог-законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование.
Ова беше второ поднесување на предлогот во Собранието на групата родители кои не се согласуваат со новиот закон и дигитализацијата на учебниците од четврто одделение. Првиот пат двете комисии не го прифатија предлогот зашто собраните потписи беа неуредно доставени, односно не беа во согласност со Законот за референдум.
Следно е претседателот на Собранието, Талат Џафери да го прифати предлогот и да може да почнат да ги соберат потребните 10 000 потписи за да се распише референдум на ниво на целата држава. Драгана Спасовска, претставничка на Граѓанската иницијатива, за МИА изјави дека очекува Џафери набргу да одговори и потоа тие ќе имаат рок од 30 дена да ги собираат потписите.
Спасевска на седниците на собраниските комисии денеска ги образложи причините за нивните барања и зошто сметаат дека најавените реформи не се во интерес на децата. Групата што ја предводи таа осум барања: хартиените учебници да останат во употреба за сите одделенија во основното и средното образование, да се исклучи сеопфатно родово сензитивно образование за основците, етика на регилигиите да остане изборен предмет, да не се спојуваат два или повеќе предмети во еден, да се аргументира кратењето на фондот на часови по одредени предмети, да се создадат соодветни услови за инклузија на децата со попреченост, да се креираат протоколи за настава со физичко присуство во услови на пандемија и задолжително нивни претставници и од граѓанскиот сектор да учествуваат во работна група за измени во Законот.
Според Предлог-законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование, од учебната 2021/2022 година ќе бидат воведени дигитални учебници, прво во четврто одделение, а во наредните години и во погорните одделенија, како и во средното образование. Според предлог-законот, учениците до трето одделение ќе продолжат да учат од печатени (хартиени) учебници.