Заев – имам право да не се согласувам за некои предмети, меѓу кои и тој за Рашковски

Генералниот секретар на Влада, Драги рашковски и премиерот Зоран Заев.

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека неговото негодување кон Основното обвинителство за случајот со поранешниот генерален секретар на владата Драги Рашковски потврдило дека премиерот и политиката не диктираат што треба да работи судството или обвинителството. Тој и денеска повтори дека се согласувал со стотици предмети, но дека со неколку има право да не се согласува.

„Но, секако, и да не се согласам ако пресудите се донесат и се конечни, може да не се согласувам, но сум должен да ги почитувам“, рече денеска Заев одговорајќи на новинарско прашање.

Рашковски кој е поранешен генерален секретар на Владата предводена од СДСМ, а потоа извршуваше и друга висока функција во владата, сега се наоѓа во притвор за случајот со набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци кој што Министерството за внатрешни работи со месеци не го користело. Против него потоа се отвори и истрага за оштетување на буџетот за 100 илјади евра со незаконито спроведување на јавна набавка.

Заев во интервју за Фокус рече дека Рашковски не ја злоупотребил функцијата во случајот со набавката на софтвер и додава дека не му верува на обвинителство, ниту на обвинителката Вилма Русковска за овој и за многу други предмети.
Заев денеска изјави дека борбата за слобода во која учествувал заедно со многу граѓани, му дава за право да искоментира како што мисли.