Русија соопшти дека одлуката на Вашингтон да не се приклучи на договорот за контрола на оружјето со кој се дозволуваат невооружени воздушни летови над десетици земји учеснички ги замаглува изгледите за разговори за контролата на оружјето на планираниот Самит меѓу претседателите на двете земји наредниот месец.
Заменик министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков го изјави ова денеска, откако вчера Вашингтон ја информира Москва дека нема да се приклучи на Договорот се отворено небо зашто договорот „е поткопан од руските прекршувања“.
Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков изрази жалење за одлуката, додавајќи дека договорот „ќе изгуби голем дел од својата одржливост“ без учество на САД и Русија.
Се очекува Русија исто така да се повлече од Договорот за отворено небо, кој стапи во сила во 2002 година. Со договорот се дозволуваат куси летови за следење на воената активност. Повеќе од 30 земји учествуваат во него.
Вашингтон се повлече од договорот во ноември минатата година, кон крајот на мандатот на претходниот претседател Доналд Трамп, велејќи дека Москва постојано го прекршува.
Администрацијата на претседателот Џо Бајден ја разгледуваше можноста за враќање во договорот, но вчерашната одлука на Вашингтон, според Русија, „е уште еден удар врз европскиот безбедносен систем“ и оти договорот е мртов.
Во услови на затегнување на односите меѓу САД и Русија, Бајден и рускиот претседател Владимир Путин се подготвуваат за билатералниот Самит кој треба да се одржи на 16 јуни во Женева. Тоа ќе биде нивна прва средба откако Бајден ја презеде функцијата во јануари.
Американските сојузници во Европа го поддржуваат Договорот за отворено небо, кој им дозволува на државите на собираат информации за воените сили на другите земји за да се зголеми транспарентноста и да се изгради меѓусебна доверба за намерите.
Во февруари, Русија и САД и официјално го продолжија новиот договор СТАРТ за уште пет години – последниот договор за контрола на оружјето меѓу двете земји.