Европскиот дигитален ковид сертификат ќе го направи патувањето полесно

Европскиот дигитален ковид сертификат (EU Digital COVID Certificate) содржи доказ за вакцинација, доказ за негативен ПЦР или антигенски (рапид) тест или доказ за прележана болест, заедно со основните лични податоци. Сертификатот денеска беше презентиран во Атина од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, министерот за дигитална политика Кирјакос Пијеракакис, а во присуство на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и потпретседателот на ЕК Маргаритис Схинас.

„Европскиот дигитален ковид сертификат, не е ништо повеќе од брза линија за патување. Патувањето ќе го направи многу полесно, особено за време на летото“, рече Мицотакис и истакна дека Грција е подготвена, сертификатот да го воведе пред 1 јули односно пред датумот одреден од Унијата.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел рече дека сертификатот е важна алатка што ќе биде клучот за патување во Европа.