АВМУ и ЗНМ - Функционерите да не ги обесхрабруваат истражувачките новинари

Лого ЗНМ

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Здружението на новинари на Македонија преку соопштенија реагираат на изјавите на премиерот Зоран Заев во интервјуто за неделникот „Фокус“, поврзани со првата епизода „Заговор против воздухот“ од документарниот серијал „Редакција“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).

АВМУ, како што се наведува во соопштението, потенцира дека носителите на јавни функции треба да се воздржат од јавно изнесување ставови со кои се изразува сомнеж во кредибилноста на истражувачките новинарски стории.
Од АВМУ наведуваат дека новинарите не треба да бидат обесхрабрувани, напротив, треба да се поттикнуваат во истражувањето различни теми поврзани со евентуални појави на корупција или злоупотреби од страна на институции или поединци.

Премиерот Заев, како одговор на прашање во интервјуто, вели дека во документарецот не биле застапени двете страни од приказната, а потоа додава и дека се сомнева во леснотијата на кажаното без аргументација.

„Ваквиот јавен став и коментар од страна на Претседателот на Владата и Претседател на партијата на власт, поврзан со истражувачката работа на новинарите може да поттикне сомнеж во кредибилноста на работата на нашите колеги, а со тоа и да се влијае на ограничување на слободата на изразувањето. Од премиерот Заев се очекува да ги охрабри истражувачките новинари во нивните напори да откриваат евентуална злоупотреба на институциите како механизам за спречување на корупцијата, а потоа да реагираат и органите на прогонот“, реагираат од ЗНМ.