Комисијата за заразни болести при македонското министерство за здравство денеска треба да ја разгледа можноста за олабавување на Ковид-мерките и за укинување на полицискиот час, а прва тема за дискусија на состанокот ќе биде носењето маски на отворено. Одлуката на Комисијата зависи од проценката на целокупната епидемиолошка ситуација и на параметрите, но и од предвидувањата и информациите за Ковид- соевите како индискиот, кои се потенцијален ризик за државата.
„Земајќи ги предвид бројките кои укажуваат на многу брзо стивнување на епидемијата, јас сум оптимист дека следната недела ќе има ублажување на мерките. Не би сакал да шпекулирам кои мерки конкретно. Меѓутоа, сите мерки кои се преземени, ќе подлегнат на уште една дополнителна ревизија. Ние како Министерство за здравство и како Влада, едвај чекаме да ги повлечеме мерките, но без да го ризикуваме здравјето на нашите граѓани“, изјави вчера заменик-министерот за здравство Илир Хасани.
Во меѓувреме, бројот на заразени стивнува, а вакцинирани се речиси 228.000 граѓани. Последниот официјален Ковид- биланс е 53 нови случаи, 111 оздравени и 13 починати лица.