Руски хакери повторно нападнале американски владини агенции

Руски хакери започнаа нов напад врз американски владини агенции и „тинк-тенкови“ користејќи имејл-адреса за маркетинг на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД), соопшти вчера Мајкрософт. Бранот напади бил насочен кон околу 3.000 имејл адреси во повеќе од 150 различни организации, соопшти потпретседателот на Мајкрософт Том Барт во објава на блог.

Најмалку четвртина од организациите се вклучени во меѓународен развој, хуманитарна работа и работа со човекови права.

Откривањето на сајбер- нападот се случува само три недели пред средбата на претседателите на САД и на Русија Џо Бајден и Владимир Путин во Женева и во момент на зголемена напнатост меѓу двете земји за голем број проблеми, вклучително и сајбер нападот СоларВиндс на американските компјутери откриен во декември. Бајден минатиот месец најави санкции за руски државјани и протерување дипломати, како одговор на тој сајбер напад.

Барт рече дека хакерската група Нобелиум, со потекло од Русија, стои зад последните напади и е истиот актер што стоеше зад нападот врз клиентите на СоларВиндс. Тој рече дека нападите се чини дека се продолжение на напорите на Нобелиум „да бидат насочени кон владините агенции вклучени во надворешната политика како дел од напорите за собирање разузнавачки информации“.