Русија со парични казни за Твитер, Гугл и ТикТок поради објавена содржина

Илустрација

Рускиот суд го казни Твитер со 259 илјади американски долари односно 19 милиони рубљи затоа не ја избришал содржината која Кремљ смета дека е незаконита. Ова е едно од последните поглавја во долготрајниот спор меѓу руските власти и гигантот Твитер. Руското државно регулаторно тело за комуникации ја обвини социјалната мрежа Твитер дека не сака да ги избрише содржините во кои се вклучени објави што содржат детска порнографија, информации за злоупотреба на дрога и повици на малолетници за самоубиство. Таквите тврдења Твитер ги негира. Во април годинава Твитер беше казнет со 9 милиони рубљи.

Гугл денеска е казнет со 3,5 милиони руски рубљи односно 50 илјади американски долари затоа што, како што се вели во пресудата, пребарувачот не си ги исполнил доволно добро своите должности. Два дена претходно против Гугл беа донесени пресуди со кои се предвидува казна од 6 милиони руски рубљи или 80 илјади американски долари затоа што одбил да избрише содржина забранета од Кремљ.

Тик Ток денеска е казнет со 20 илјади американски долари поради небришење на содржина. Слично помина и Фејсбук кој доби осум пријави поради небришење на содржини кои руските власти сметаат дека не треба да бидат објавени.

Руското државно регулаторно тело најави дека доколку ги повторат прекршоците може да бидат изречени нови казни кои ќе изнесуваат 10 проценти од годишниот приход на компанијата.