Радев не сака преведувач, Пендаровски очекува подобри денови

Илустрација

Нема потреба од европски претставници во бугарско македонските разговори, доколку има и европски претставник на двете страни ќе им треба преведувач, изјави претседателот на Бугарија, Румен Радев одговарајќи на новинарско прашање зошто смета дека нема потреба од европски историчари да се вклучат во решавањето на прашањата во мешовитата македонско-бугарска историска комисија.

Радев: Не треба европски историчари да ни помагаат во решавање на спорот

Радев кој заедно со македонскиот претседател Стево Пендаровски е во Рим по повод чествувањето на сесловенските просветители Килрил и Методиј, изјави дека европската иднина на Македонија има перспектива. Според него двете држави треба да работат со уште поголема доверба и дијалог, да ги решат работите заедно.

Посетата на базиликата Св. Марија Маџоре на македонската и бугарската делегација во Ватикан е исклучително силен знак и јасна порака кон двата народа за соработка, доверба, и пријателство, изјави Радев во Рим.

Пендаровски изјави дека неговата посета во придружба на Радев е прва ваква заедничка посета на највисоко државно ниво и дека со тоа сакаат да покажат оти и на Балканот има политичари кои зборуваат на европски јазик за актуелните проблеми и иднината. Според него ова покажува една нова динамика во билатералните односи и таа треба да биде продолжена и натаму, со што се надева дека во следните месеци за двете земји стојат многу подобри денови.

„Напредок е возможен само ако во дијалогот влегуваат двајца рамноправни соговорници. Исто така, сакам да посочам дека денес направив голем компромис, јас сум постар од него, но му дадов шанса да зборува прв“, се пошегува на крај претседателот Пендаровски.

Претседателот Пендаровски престојува во посета на Италијанската Република и Светата Столица по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, а во Рим отпатува со државниот авион на Република Бугарија, заедно со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев.