Европската унија и Јапонија денеска го поддржаа одржувањето на Олимписките игри во Токио, додека истовремено шефот на јапонскиот лекарски синдикат предупредува на можност од појава на „олимписки вид“ на короанвирусот.
„Ние го поддржуваме одржувањето на Олимписките и на параолимписките игри во „Токио 2020“ ова лето, на безбеден начин како симбол на глобалното единство во победувањето на Ковид-19“, се вели во заедничкото соопштение на ЕУ и Јапонија.
Вакцинацијата на населението во Јапонија се одвива бавно, со повеќе од пет проценти вакцинирани. Неколку истражувања покажаа дека мнозинството од јапонската јавност се противи на одржувањето на Игрите.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека Унијата одобрила извоз на повеќе од 100 милиони дози вакцини во Јапонија, што е доволно за вакцинирање на околу 40 проценти од населението.
Олимписките игри ќе траат две недели, почнувајќи од 23 јули, додека Параолимписките игри ќе започнат на 24 август.
Странската публика е забранета, а одлуката за домашната публика ќе биде донесена следниот месец.