Кина: Политичкото рекламирање ќе го отежни откривањето на потеклото на коронавирусот

Коронавирус.

Кинеската амбасада во САД соопшти дека „политичкото рекламирање“ околу работата за пронаоѓање на потеклото на коронавирусот, ќе го отежни откривањето на потеклото на вирусот и како се проширил на луѓето.

Во изјавата објавена на 27 мај на интернет страницата на амбасадата се вели: „Во последно време некои луѓе го играат стариот трик на политичко рекламирање за пронаоѓањето на потеклото на Ковид-19 во светот.“

Во соопштението кое му се припишува на портпаролот на амбасадата, се вели дека Кина поддржува „сеопфатна студија за сите рани случаи на Ковид-19 откриени ширум светот и темелна истрага за некои тајни бази и биолошки лаборатории низ целиот свет.“

Коментарите дојдоа откако американскиот претседател Џо Бајден побара од американските разузнавачки служби да ги „удвојат“ своите напори во истражувањето на потеклото на вирусот, откако нивниот првичен извештај не даде доволно докази за да се заклучи дали вирусот што предизвикува Ковид-19 „се појавил од човечки контакт со заразено животно или при лабораториски инцидент.“

Бајден порача разузнавачките служби да подготват прашања за кинеската влада и додаде дека САД ќе продолжат да прават притисок врз „Кина да учествува во целосна, транспарентна, меѓународна истрага заснована на докази и да обезбеди пристап до сите релевантни податоци и докази.“