Азербејџан зароби шест ерменски војници

Аргива - Ерменски војници ја чуваат својата позиција во самопрогласената Република Нагорно Карабах. 30.09.2020.

Азербејџанските сили заробија шест ерменски војници во време на растечки тензии на границата меѓу двете земји, кои минатата година се бореа за отцепениот регион Нагорно-Карабах. Азербејџанското Министерство за одбрана соопшти дека ерменските војници биле уапсени во азербејџанскиот кварт Калбачар додека поставувале мини на патот што води кон позициите на азербејџанската армија на границата.

Од друга страна, ерменското Министерство за одбрана соопшти дека нивните шест војници биле заробени додека извршувале инженерски работи во пограничната област на ерменскиот регион Гегаркуник.

„Се преземаат неопходните мерки за враќање на заробените војници“, соопшти ерменското Министерство за одбрана.

Инаку, на почетокот на оваа недела Ереван и Баку си упатија меѓусебни обвиненија за пукање на границите. Според Ерменците, во пукањето е убиено едно лице.

Ерменија претходно ги обвини азербејџанските војници дека влегле неколку километри на ерменска територија и се обиделе да ја заземат. Азербејџан инсистира на тоа дека нивната армија заземала позиции на нејзината страна од границата, кои не биле достапни во зимските месеци.

Тензиите на границите избија неколку месеци откако двете земји ја завршија шестнеделната војна за Нагорно Карабах. Конфликтот, во кој загинаа најмалку 6.900 лица, заврши во ноември со прекин на огнот со посредство на Москва.