Со посетата на базиликата „Санта Марија Маџоре“, претседателите на Северна Македонија и на Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев денеска заеднички ќе им оддадат почит на Светите браќа Кирил и Методиј. Двајцата претседатели ќе положат цвеќе пред спомен плочата во чест на Свети Кирил и Методиј. Тие ги предводат делегациите на двете земји во посетата на Рим и Ватикан во чест на сесловенските просветители.
Шефот на државата Пендаровски, како што е најавено, денеска ќе има аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, а ќе има средба и со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин.
Потоа, претседателот Пендаровски во базиликата „Сан Клементе“ ќе положи цвеќе на гробот на Свети Кирил.
Пендаровски и Радев вчера на скопскиот аеродром имаа куса неформална средба, по што двете делегации, заедно со медиумските екипи со бугарскиот државен авион полетаа за Рим.