На четири словенечки опозициони партии синоќа не им успеа иницијативата во парламентот за покренување постапка на отповикување против премиерот Јанез Јанша пред Уставниот суд, поради кршење на закони и Уставот.
За покренување уставна тужба, односно „импичмент“ пред Уставниот суд, по целодневна расправа, гласаа 42-јца пратеници, а 44 беа против. За успех на тужбата беа неопходни 46 гласови во 90-члениот парламент.
Во неприфатениот предлог опозицијата го товари Јанша за кршење на Уставот и закони, притисок врз независни медиуми и независни државни органи и лошо управување на здравствената криза за време на епидемијата со коронавирусот.
Јанша во парламентот ги негира сите тие тврдења, истакнувајќи дека опозицијата е мотивирана од деструктивна желба да ја урне неговата влада пред одбележувањето на 30 години од создавањето на словенечката држава и еден месец пред преземањето на претседавањето во ЕУ.