Јас во овој момент сум реалист и умерен оптимист. Разговарав со премиерот Зоран Заев, тој е таков по карактер, секојпат поголем оптимист од мене и од другите, државното раководство, кога ние ќе паднеме со духот тој не крева. Ова го изјави меѓу другото претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски по билатералната средба во Рим со неговиот италијански колега Серџо Матарела, одговарајќи на новинарски прашања во врска со обидите за пронаоѓање решение со Бугарија и одблокирање на почетокот на преговори на земјава со ЕУ.
Според него, ставот на Софија, кој во овој момент го формулира само бугарскиот претседател Румен Радев, бидејќи нема други функционални институции е дека вратата не е затворена во однос на португалскиот предлог.
„Ние сега бараме да почнеме со преговори, а понатаму низ годините можат буквално сите барање од тие нивни декларации и резолуции да ги стават на маса. Меѓутоа зборуваме да почнеме со процесот“, изјави Пендаровски.
Пендаровски изјави дека на средбата со Матарела добил целосна поддршка за европските интеграции и дека Италија ќе се заложи не само за Македонија, туку и за целиот регион на Западен Балкан, кој предолго чека во чекалната на ЕУ.
Пендаровски и Радев денеска по кусата средба на скопскиот аеродромот заедно заминаа за Рим, каде што одадоа почит на Свети Кирил и Методиј.