Германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот по денешната средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров во Скопје порача дека Северна Македонија постигнала голем напредок, се охрабрила да реши еден голем историски спор со промената на името на државата и е легитимно да очекува ЕУ да ги исполни ветувањата.
Сега според него, се работи за време на португалското претседателство со ЕУ да започнат преговорите. Тој порача дека останува оптимист и сега е потребна храброст и одговорност. Говорејќи за отворените прашања меѓу земјава и Бугарија изјави дека сега има голема шанса уште во јуни да се дојде до решение кое може да биде прифатено од сите засегнати страни.
„Португалското претседателство со ЕУ активно работи на вакво решение. Ние од Германија го поддржуваме колку што можеме и се надевам ќе имате трпение. Важни се и реформите и тоа е мојата порака до Владата овде. Потребни се болни реформи за владеење на право, борба против корупција и непотизам. Тие не се подарок за Брисел и за Берлин тие се во интерес на самата земја“, рече Рот.
Според него, нема проблем меѓу ЕУ и Северна Македонија, туку има билатерален проблем и тој мора да се реши меѓу двете земји и ако притоа може да помогнат, ќе го направат тоа.
„Сакам да ве охрабрам бидејќи сега навистина станува збор да останете смирени да не дозволите да бидат испровоцирани и ако успеете во тоа шансите се добри за решение кое е во интерес на ЕУ и на двете држави“, додаде тој.
Димитров истакна дека човек мора да верува дека чудата се возможни за да направи чуда.
„Дали овој проблем се квалификува во чуда не знам. Меѓутоа ние покажавме дека знаеме како, почитувајќи ги сопствените интереси и тоа што е најважно и тоа што е важно за другата страна да решиме проблем што беше проблем 25 години. Така што не знам дали ова би го нарекол оптимизам. Имаме одговорност спрема сегашните и идни генерации. Да не заборавиме дека тоа што денес го правиме создава историја од некоја идна перспектива затоа мислам дека со наша надворешна политика во изминатите 4 години покажавме кои сме за што сме и дека знаеме како да решаваме проблеми. Се надевам дека оваа можност што еве се наѕира ќе ја искористиме, но морам да кажам дека се не зависи од нас ни треба таков сличен приод и од другата страна“, рече Димитров.
Тој рече дека треба да работат на резултат, не на подигнување на очекувањата. Димитров додаде дека не може да открие детали, бидејќи фокусот е во дипломатските разговори и тоа што денес претседателите на двете земји, Румен Радев и Стево Пендаровски се сретнаа и ќе бидат заедно во Рим е јасен сигнал дека се обновува дијалогот и македонското бугарско пријателство и заедничка иднина, при што треба да се искористи оваа шанса