Северноатлантскиот совет, главното тело за носење политички одлуки на НАТО соопшти дека ги поддржува повиците за итна независна истрага за неодамнешното пренасочување на цивилен патнички авион во Белорусија и апсење на дисидент новинар кој бил патник на летот.
„Овој неприфатлив чин сериозно ги прекрши нормите со кои се регулира цивилната авијација и ги загрози животите на патниците и екипажот“, рекоа сојузниците.
На 23 мај, Белорусија принуди лет на Рајанер, кој патуваше меѓу членките на ЕУ, Грција и Литванија, да слета во главниот град Минск и ги приведе новинарот и опозициски активист Раман Пратасевич и неговата девојка Софија Сапега.
Тоа предизвика меѓународна осуда, при што западните лидери бараат ослободување на Пратасевич и Сапега и ЕУ да ги прекине воздушните врски со се поизолираната источноевропска нација. Агенцијата за воздушна безбедност на Европската унија (ЕАСА) ги повика авиокомпаниите да го избегнуваат воздушниот простор на Белорусија.
Покрај повикот за истрага на ова прашање, вклучително и од Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИЦАО), Северноатлантскиот совет ги поддржа „мерките преземени од сојузниците индивидуално и колективно како одговор на овој инцидент“
Исто така, ја повика Белорусија веднаш и безусловно да ги ослободи Пратасевич и Сапега, нарекувајќи го апсењето на новинарот навреда на принципите на политичко несогласување и слобода на печатот.
„Сојузниците на НАТО ја повикуваат Белорусија да ги почитува основните човекови слободи и права и да се придржува до меѓународниот поредок заснован на правила“, соопштија од Алијансата.