Заев – Брнз: Политиките на дијалог отвораат перспективи

Премиерот Зоран Заев и амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз

Премиерот Зоран Заев и американската амбасадорка Кејт Брнз на денешната средба, како што соопшти владина прес служба, го реафирмирале партнерството меѓу Северна Македонија и САД. На состанокот, според соопштението, е констатирано дека политиките на дијалог отвораат перспективи за нашата држава и за целиот регион, а САД се заинтересирани за позитивни процеси во регионот.

„Во таа насока е пренесена поддршка од САД за натамошен напредок на Северна Македонија, по НАТО и во процесот на европските интеграции. При тоа е изразена заедничка согласност дека е време да продолжи проширувањето на ЕУ, коешто ќе значи охрабрување за целиот Западен Балкан, заедно со НАТО-перспективите, државите од регионот да продолжат да се развиваат според демократските вредности“, се наведува во соопштението.

Премиерот Заев најавил дека земјата и натаму ќе дава аргументи за да продолжи поддршката од САД и од меѓународните пријатели.

„Фокусирани сме кон позитивен развој на настаните во врска со следниот чекор во евроинтеграциите, како и кон развојот на добрососедските односи со Бугарија. Продолжуваме и со реформското темпо, како и со борбата со криминалот и корупцијата. Владата е цврсто определена кон поддршка на независноста на судството и еднаквост на секого пред законите. Со смирувањето на пандемијата очекуваме засилување на темпото на големиот инвестициски план што го имаме, а чијашто цел е унапредување на животниот стандард на граѓаните на економски план и според европските вредности“, порачал Заев.