Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ денеска повторно поднесе иницијатива до Собранието за распишување референдум за граѓаните да се изјаснат за Предлог-законот за дигитални учебници и наставни материјали во основното и средното образование откако првиот пат иницијативата им беше одбиена како неуредна.
Во текот на вчерашниот ден пред подрачните единици на ДИК иницијаторите собрале околу 300 потписи кои се доволни за да го поднесат предлогот во законодавниот дом.
Претставничката Драгана Спасевска изјави дека бараат директно и непосредно изјаснување на волјата на граѓаните за предложениот закон и се надева дека овојпат иницијативата е во согласност со Законот за референдум и ќе биде прифатена.
Додаде дека во иницијативата се обединети луѓе од различни припадности и дека нема да дозволат, како што рече „непромислен и контроверзен закон да помине во Собранието и да стане реалност во образованието“.
„На сите пратеници во Собранието им советувам да го слушнат гласот и да го почитуваат ставот на граѓаните и добро да размислат какви чекори ќе преземат, затоа што на крајот од денот овие граѓани им го дале својот глас за да ги застапуваат во институциите“, изјави Спасевска.
Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ денеска попладне ќе организира мирни протести во повеќе општини во државата и мирен марш во Скопје, кој ќе почне пред Министерството за образование и наука.
Министерката за образование Мила Царовска денеска рече дека референдумот е демократско право и за тоа си има постапка, но реформите мора да се случуваат и промени во образованието мора да има.