Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска сподели информации и документи за наводен сомнеж за фалсификување на документи при пријава до Обвинителството за организиран криминал и корупција за изнуда на пари од компанијата Рубиткон Битола, која добила на тендер за ископ на јаглен во РЕК Битола. Според Мицкоски, поранешниот полициски началник Лазе Велковски, и обвинителката Вилма Рускоска сокриле детали од пријавата кои се однесуваат на лице Вице Н., за кого, како што наведе, постојат сомнежи дека е братот на премиерот Зоран Заев.
Пријавата до полицијата ја поднеле сопствениците на компанијата, од кои како што било посочено директорот на РЕК Битола Васко Ковачевски сакал да изнуди 250 илајди евра. Откако сопствениците на фирмата не прифатиле, како што посочи Мицкоски, Рубиткон ја загубила работата поради неспроведување на договорот и претрпела штета од 30 милиони денари.
Документите од Бирото за јавна безбедност биле доставени во февруари 2020 во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за време на техничката влада. Тие како што кажа Мицкоски на брифинг со новинарите, се добиени од свиркачи.
АД ЕСМ и Подружница РЕК Битола соопштија дека остро ги демантираат пишувањата за наводен скандал во РЕК Битола поврзан со ископот на јаглен во комбинатот. Според компаниите, станува збор за истите обвинувања што АД ЕСМ и РЕК Битола ги демантираа и во 2019 и во 2020 година.
„Како што сме известиле во повеќе наврати во врска со овие неосновани и тенденциозни напади врз комбинатот и компанијата, договорот со фирмата Рубитон која ископуваше јаловина (земја) во рудникот Суводол, е раскинат од страна на РЕК Битола на 07.11.2018 од причини што Рубитон не го вршеше ископот со динамика и количини предвидени во договорот, за што постојат записници и други релевантни документи од стручните служби на РЕК Битола“, се наведува во рекацијата.