Текстилни работнички од штипската конфекција „Алкон текст“ протестираа пред фабриката

Протест на текстилни работнички од штипската фабрика „Алкон текст“

Педесетина текстилни работнички од штипската конфекција „Алкон-текст“, кои се на принуден одмор денеска протестираа пред фабриката, барајќи си ги неисплатените плати и порачаа дека не ги потпишуваат документите да бидат префрлени во друга фирма.

На протестот беа работнички, кои за само неколку месеци треба да заминат во пензија, млади, но и бремени жени. Билјана Кафтанова, работничка во „Алкон-текст“, вели дека протестот го организирале, поради скратените права од работен однос и право на егзистенција од нивниот труд, кои им ги дава Уставот.

„Бидејќи ги истрошивме сите механизми за да ни се исплати плата во законски предвидениот рок согласно законот за работни односи, го правиме овој протест со цел да ја известиме јавноста, институциите и работодавецот, дека е незаконско ваквото кршење на нашите права и доцнење на плата особено во време на ваква економско-социјална и здравствена криза. Работевме во карантин без прекини, луѓе се разболуваат, откази се делеа, притисок и мобинг стана секојдневие, платите се намалуваат, а работа има. Се регистрираат нови фирми, за преку старите да се ослободат од „вишокот“ вработени. Субвенции од државата редовно се земаат, само за нас нема“, порача Кафтанова.

Јордан Ефремов претставник на конфекцијата, која работи во објектот со забелешка дека работничките и новинарите биле ненајавени и неинформирани оти фирмата „Алкон-текст“ од април не е закупец на овој простор.

Поддршка на протестот дадоа Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“-Штип и претседателот на Конфедерација на самостојни синдикати (КСС), Благоја Ралповски, кои побараа од институциите да излезат на терен и да видат како се прави трансфер на капитал од една во друга фирма.

Текстилните работнички пред фабриката во која работеле со години мирно ќе протестираат и наредните денови.