Опозицијата во Белорусија се подготвува за нови протести против авторитарниот лидер Александар Лукашенко. Тој се соочи со нов меѓународен притисок во врска со пренасочувањето на цивилниот патнички авион во земјата и апсењето на новинарот-дисидент, кој бил еден од патниците во авионот.
Во заедничкото соопштение објавено денеска, лидерката на опозицијата Свјатлана Цихануаскаја, која е во егзил, Координативниот совет што беше формиран од опозициските лидери по спорните претседателски избори минатата година, и други продемократски групи, изјавија дека „се обединети во проценката дека Белорусија станала црна точка на светската мапа како резултат на несовесните активности на нелегитимниот режим“. Во соопштението велат дека нема што повеќе да се чека и дека мора да се запре теророт еднаш засекогаш.
Видете и ова: ЕУ со санкции против Белорусија за „киднапирањето“ на авионот на Рајан-ерСоопштението на опозицијата доаѓа три дена откако белоруските власти принудно слетаат цивилен авион на Рајанер, кој летал на релација меѓу Грција и Литванија, членки на ЕУ, да слета во белорускиот главен град Минск, за да го приведат новинарот и опозициски активист Раман Протасевич и неговата девојка, кои летале со авионот.
Потегот на Белорусија предизвика меѓународна осуда. Западните лидери бараа ослободување на Протасевич и неговата девојка Софија Сапега, а од ЕУ бараа да ги прекине воздушните врски со сè поизолираната источноевропска земја. ЕУ, Соединетите Американски Држави и други западни земји веќе воведоа санкции против режимот на Лукашенко.
Лукашенко предводеше насилна акција против протестите во земјата кои избија по спорните резултати на претседателските избори во август 2020 година. Белоруската опозиција и Западот велат дека изборите биле лажни и не го признаваат резултатот. Опозицијата вели дека Цихануаскаја била вистинскиот победник на изборите.