Рот - Крајно време е ЕУ да ги исполни ветувањата и да ги почне преговорите со Скопје и Тирана

Архивска фотографија: Вицепремиерот Никола Димитров и германскиот министер за Европа Мајкл Рот

Крајно време е Европската унија да ги исполни ветувањата и да ги започне пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, вели германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, кој денеска доаѓа во дводневна посета на Скопје.

„Иднината на Западен Балкан е европска – треба да постапуваме одлучно сега за да нема сомнеж во тоа“, напиша Рот на Твитер.

Германскиот државен министер за Европа, на првиот ден од престојот во Скопје, ќе се сретне со неговиот домаќин, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, посетата на Рот доаѓа во пресрет на јунскиот состанок на Советот на ЕУ за општи работи, каде што тој ја претставува Германија, па во тој контекст акцентот на разговорот со Димитров ќе биде ставен на надминувањето на предизвиците и изгледите за усвојување на преговарачката рамка за земјава со цел одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ.

Германската амбасада во Скопје информира дека покрај со Димитров, Рот ќе има средби со премиерот Зоран Заев и со претставници на политичките партии и на граѓанското општество.

Бугарија ги блокира македонските евроинтеграции со тврдење дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, а Македонија ја краде бугарската историја.