Да се повлече актуелниот Предлог закон за легализација на бесправно изградените објекти, да се направи попис и категоризација на дивоградбите за да се утврди нивниот точен број, па потоа да се изработи ново законско решение во кое точно ќе се прецизира кој и каков објект, како и каде и под кој услови ќе може да се легализира. Ова се дел од главните заклучоци на онлајн јавната дебата иницирана од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за уредување на правниот статус на бесправно изградените објекти.
Како причина за барањето за повлекување на законското решение, кое беше донесено од Собранието, но претседателот Стево Пендаровски одби да го потпише, беше наведен фактот што согласно процедурите остануваат само 30-тина дена за измени на постојното законско решение пред Собранието повторно да го разгледа, кои според учесниците на дебатата не се доволни за да се спроведе јавна расправа и да се вметнат сите забелешки од стручната фела.
„Не е потребно избрзано решение, туку е неопходно прво да се дефинираат чекорите, а потоа чекор по чекор да се оди кон решавање на ова прашање во насока на тоа повеќе да не се повтори проблемот со дивоградбите“, рече претседателката на ДКСК Билјана Ивановска по завршувањето на дебатата.
На дебатата покрај претставници на стручната фела учествуваа членовите на ДКСК, луѓе од невладините организации, од министерствата за транспорт и врски и за животна средина и просторно планирање и ЗЕЛС, како и правни експерти од областа на судството и високото образование
Министерот за транспорт Благој Бочварски рече дека се отвора широка дебата за Законот и дека се почнати консултациите релевантните институции и асоцијации во однос на Законот за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти. Министерот Благој Бочварски денеска имаше работна средби со Асоцијацијата на архитекти, а учествуваше и на дебатата за овој закон што ја организираше Антокорупциската комисија.