Истражувачката репортерска лабораторија – ИРЛ е добитник на годинешната награда за најдобра истражувачка сторија помеѓу трите новинарски награди „Никола Младенов 2020“ кои ги додели Македонскиот институт за медиуми (МИМ). ИРЛ доби награда за серијалот текстови на тема „Пандемско профитерство – другата страна на приказната за Ковид-19“.
Наградата за најиновативен новинарски производ во 2020-та година ја доби новинарот Александар Манасиев, а најдобрата репортерска фотографија, според МИМ, ја направи фоторепортерката Арбнора Мехмети.
Манасиев е победник со мултимедијалната сторија „Тивките балкански убијци“ што ја обработува темата за влијанието на термоцентралите врз животната средина, објавена на Интернет платформата „Види вака“.
Наградената фотографијата на тема „Две патки поминуваат на пешачки премин за време на полициски час“ фоторепортерката Арбнора Мехмети , објавена во дневниот весник „Слободен печат“ е избрана за најдобра помеѓу 26-те пријавени фотографии од девет автори.
„Изминатата година новинарите посветено и квалитетно истражуваа за многу значајни прашања од интерес на граѓаните. Помеѓу пријавените стории изразен е интерес за обработка на теми од корупција во образованието, животна средина, урбанистичко живеење и здравство, сподели директорката на МИМ“, Билјана Петковска.
Оваа награда Институтот ја доделува од 2011 година, со тоа што во 2013-та таа е именувана во името на новинарот и сопственик на неделникот „Фокус“, ,,Никола Младенов”. Наградите се доделуваат традиционално дваесетти пат, како дел од заложбите на МИМ за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во земјава.