Повеќе авиокомпании најавија прекин на летовите над белорускиот воздушен простор откако земјата пренасочи патнички авион кон Минск и уапси новинар дисидент. Ер Франс, Финер и Сингапур ерлајнс се меѓу најновите авиопревозници што ги прекинаа летовите над Белорусија на 25 мај, еден ден откако лидерите на Европската унија (ЕУ) ја повикаа авиоиндустријата да го избегне небото на источноевропската земја и ги забранува белоруските авиокомпании над воздушниот простор на ЕУ и на аеродромите.
Потегот на ЕУ дојде како одговор на присилното слетување на летот на Рајанер од Атина до Вилнус, во Минск на 23 мај и притворањето на еден од нејзините патници, независниот белоруски новинар и активист Раман Пратасевич.
Исто така на 25 мај, украинската влада соопшти дека авиокомпаниите во земјата веќе не смеат да транзитираат на белоруски воздушен простор и дека летовите од и до Белорусија ќе бидат забранети од 26 мај.
Во соопштението на „Ер Франс“ се вели дека ги „забележале“ заклучоците од самитот на ЕУ и ги прекинаа летовите над Белорусија „до ново известување“. Авионите што веќе се во воздухот ќе ги модифицираат плановите за летови, соопшти францускиот превозник, кој е дел од „Ер Франс-КЛМ“. Холандскиот КЛМ престана да лета над Белорусија на 24 мај.
Сингапур ерлајнс соопшти дека исто така ги пренасочува летовите „кои се насочени кон Европа за да се избегне белорускиот воздушен простор“ и ќе продолжи „внимателно да ја следи ситуацијата“.
„Безбедноста на нашите клиенти и екипажот е наш врвен приоритет“, изјави портпаролот за Франс прес.
„Финер“ соопшти дека нејзината одлука за пренасочување на авионите влијае на три лета неделно. Скандинавската авиокомпанија САС, германската Луфтханза и регионалната авиокомпанија со седиште во Латвија, ерБалтик објавија слични најави на 24 мај. Велика Британија издаде упатства за британските авиони да го избегнуваат воздушниот простор на Белорусија.