Американскиот претседател Џо Бајден ја осуди Белорусија поради пренасочувањето на комерцијален лет и апсењето на опозициски новинар, во, како што рече, „срамен инцидент“ што ќе биде санкциониран во координиран одговор со европските сојузници.
„Принудното пренасочување на комерцијален лет на Рајанер од страна на Белорусија, на лет меѓу две земји-членки на Европската унија и подоцнежното апсење на Роман Протасевич, белоруски новинар што патуваше во странство, се во директна спротивност на меѓународните норми“, рече Бајден во изјавата.
„Ја поздравувам веста дека Европската унија повика на насочени економски санкции и други мерки и побарав од мојот тим да развие соодветни опции за да ги повика на одговорност виновниците, во тесна координација со Европската унија, другите сојузници и партнери и меѓународните организации “, изјави Бајден.