ЕУ ќе забрани авиосообраќај кон и од Белорусија

Илустрација

Европските лидери денеска одржаа вонреден состанок во Брисел по инцидентот со принудното пренасочување на лет на Рајанер во Минск со помош на воен борбен авион МИГ 29, со цел белоруските власти да го приведат новинарот Раман Пратасевич и неговата девојка.

Во предлог одлуката од состанокот во која имаше увид Радио Слободна Европа, наведени се повици кон авиокоманиите со седиште во ЕУ да ги откажат летовите кон и над Белорусија и да се согласат со забраната за белоруските авиокомпании да летаат низ европскиот воздушен простор, но и да слетуваат на аеродромите во ЕУ.

Во предлог одлуката се наведени и поединечни санкци против официјални лица во Минск. ЕУ ја повикува Меѓународната организација за цивилно воздухопловство итно да ја преиспита одлуката за присилно слетување на патничкиот авион на Рајанер во Минск на 23 мај. На денешната агенда на ЕУ беа и копнените транспортни врски меѓу Белорусија и ЕУ.

Во меѓувреме Латвија соопшти дека ги протерува сите белоруски дипломати, вклучително и белорускиот амбасадор, како последица од инцидентот. Претходно денеска Белорусија соопшти дека ќе ги протера сите вработени во амбасадата на Латвија во Минск.