Руските амбасади со различни пораки до македонскиот и бугарскиот народ

Пост на руската амбасада во Скопје за денот на просветлителите Св. Кирил и Методиј

Руските дипломатски претставништва во чест на празникот на просветлителите Св. Кирил и Методиј испратија две пораки со различен контекст кон македонскиот и бугарскиот народ. Руската амбасада во Скопје на својот официјален профил на социјалната мрежа Твитер пренесувајќи дел од говорот на рускиот претседател Владимир Путин истакна дека писменоста во Русија пристигнала од македонската земја.

„Му го честитаме на братскиот македонски народ Денот на светите Кирил и Методиј, кој се слави како државен празник. Денеска во Русија е свечен ден, Денот на словенската писменост, а писменоста дојде кај нас токму од македонската земја, рече Путин“ е наведено во твитот на руската амбасада во Скопје.

Од друга страна пак, руската амбасада во Софија во видео пораката за честитање на празникот, и се заблагодари на бугарската држава за писменоста. Руската амбасадорка Елеонора Митрофанова во видео пораката изјави дека честитката ја упатува кон Денот на Св. Кирил и Методи, на бугарската азбука, просвета и словенска книжевност, затоа што без сомнение улога на Бугарија во формирањето и распространувањето на словенската писменост, јазик и култура е бесценето.