Македонскиот претседател Стево Пендаровски и неговиот бугарски колега Румен Радев в недела заедно ќе отпатуваат во Ватикан по повод чествувањето на Св. Кирил и Методиј. Таквата заедничка посета мора да биде потик во изнаоѓање на напредок во решавањето на спорот меѓу Скопје и Софија, изјави денеска премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање.
„ Навистина ниту еден аспирант за ЕУ, кој сакал да го продолжи патот не чекал толку, колку што чека Северна Македонија. Верувам дека Бугарија ќе биде силен поддржувач на Северна Македонија и на патот на ЕУ интеграциите на целиот Западен Балкан“, изјави Заев.
Средбата на Пендаровски и Радев во Ватикан, ја најави минатата недела претседателот кој посочи дека очекува на средбата да се разговара неформално за спорот.
Пендаровски и Радев заедно ќе одат за Рим на чествувањето на Кирил и Методиј
„Сигурно ќе стане збор, ама тоа ќе биде неформален контакт, муабет. Воопшто не е планирано да има некои формални разговори. Не затоа што е ситуацијата во Софија таква со службена влада, туку затоа што претседателот таму, како и тука, оперативно не ги води тие работи. Владите ги водат. Сигурно дека не е реално дека воопшто нема да прозбориме за проблемот, меѓутоа нема да бидат тоа преговори“ изјави Пендаровски.
Заради ковид-протоколите за прием кај Папата двајцата претседатели не отпатуваа денеска туку тоа ќе го направат на 26 и 27 мај.Претседателот Радев ќе допатува во Скопје и по кусата средба со претседателот Пендаровски на скопскиот аеродром, заедно со група бугарски и македонски новинари ќе отпатуваат за Рим, информираат од кабинетот на Пендаровски