Одбележување на Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј

Денот на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј, како и минатата година и оваа, наместо традиционално, со богата програма и настани, ќе биде одбележан поскромно и со мерки на претпазливост поради пандемијата од коронавирусот.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје 24 Мај – Денот на светите Кирил и Методиј и патронен празник на Универзитетот и годишнината од своето основање ќе го одбележи без традиционалните чествувања.

„Дел од чествувањата, наградувањето на најдобрите студенти, промовирањето на почесни звања и титули ќе се одржат, се надеваме во подобри времиња кои ќе се создадат по масовната имунизација на вработените на УКИМ и на населението во земјава“, информираат од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Чинот на положување цвеќе ќе се одржи пред споменикот на светите Кирил и Методиј, кој се наоѓа на платото на универзитетскиот кампус за општествени науки. Притоа ќе се почитуваат протоколите и мерките за заштита од КОВИД-19.

Цвеќе ќе положат делегации на Собранието, УКИМ и на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, како и високи делегации на државниот врв, дипломатскиот кор и на други општествено-политички организации во државава.

Поради состојбата со КОВИД-19, претседателот Стево Пендаровски и неговиот бугарски колега Румен Радев заеднички ќе им оддадат почит на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј во Рим. Нивната посета е планирана за 26 и 27 мај годинава.

Во Рим и Ватикан денеска ќе присуствува делегација од МПЦ-ОА предводена од владиката Пимен.

Големите македонски и сесловенски просветители Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Поради нивните заслуги за христијанството, Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.