Белорусија пренасочи патнички авион за да уапси новинар, ЕУ бара објаснување

Авионот на „Рајанер“, кој го превезуваше белорускиот опозициски блогер и активист Роман Протасевич и беше пренасочен кон Белорусија, каде властите го приведоа Протасевич. Авионот потоа слета на аеродромот во Вилнус, Литванија. 23.05.2021.

Владите на Европската унија бараат итно објаснување од Белорусија за пренасочување на комерцијален лет кон Минск, каде властите уапсија еден од патниците - белорускиот опозициски активист и новинар Раман Пратасевич.

Литванскиот претседател Гитанас Науседа изјави дека комерцијалниот лет бил „насилно“ принуден на слетување, а полскиот премиер Матеуш Моравјецки го нарече настанот како „осуден чин на државен тероризам“.

Науседа го критикуваше апсењето на Пратасевич и рече дека меѓународната заедница „мора веднаш да преземе чекори“ за вакво нешто да не се повтори.

Матеуш на Твитер наведе дека побарал од претседателот на Европскиот совет да разговара за итни санкции против Белорусија за време на состанокот закажан за 24 мај.

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан изјави дека инцидентот бара „силен и обединет“ одговор од Европската унија.

Белорусија - Судење на белорускиот новинар и блогер Раман Пратасевич обвинет за учество во протест во Минск на 21 октомври 2017 година. Фото - ноември 2017 година.

Пратасевич беше приведен од полицијата кратко откако летот на Рајанер, кој беше на закажаната рута од Атина до Вилнус, слета во белоруската престолнина.

Рајанер соопшти дека нејзиниот екипаж бил известен од Белорусија за потенцијална закана за безбедноста во авионот и „им било укажано“ да се пренасочат кон најблискиот аеродром, Минск.

Авиокомпанијата соопшти дека авионот безбедно слетал и патниците биле растоварени додека завршиле безбедносните проверки од локалните власти.