Русија ѝ донираше на Србија 30 тенкови и оклопни возила

Примопредавање на преостанатите тенкови Т-72МС и оклопни извиднички возила БРДМ-2МС кои Русија претходно ѝ ги донираше на Србија.

Во касарната на Српската армија „Мија Станимировиќ“ во Ниш денеска е извршено примопредавањето на преостанатите тенкови Т-72МС и оклопно-извидувачките автомобили БРДМ-2МС кои Русија ѝ ги донираше на Србија.

На церемонијата на примопредавањето присуствуваше министерот за одбрана Небојша Стефановиќ, кој изјави дека донацијата од 30 тенкови и исто толкав број на оклопни автомобили вреди околу 75 милиони евра.

„Ние сме многу благодарни на Русија, бидејќи ова е значително засилување за Армијата на Србија. Станува збор за нешто што во моментов е најдобро во Копнената армија, но исто така и за средствата кои ќе помогнат за нашите војници да бидат подобро заштитени, а нашата армија да биде ефикасна во извршувањето на сите задачи во заштитата на нашата земја и во зачувувањето на нашиот мир и стабилноста“, изјави Стефановиќ, пренесе српското Министерство за одбрана.

Рускиот амбасадор во Србија Александар Бокан-Харченко оцени дека соработката меѓу двете земји, особено воено-техничката, е развиена и дека има иднина.

Тој додаде дека Русија ќе придонесе за зајакнување на суверенитетот, интегритетот и одбранбените способности на Србија и на неутралниот статус на земјата, наведувајќи дека „неутралниот статус мора себеси да се заштити.“

„Неутралниот статус ѝ овозможува на Србија да развие воена и воено-техничка соработка со сите каде што Србија има свој интерес“, изјави амбасадорот, пренесува Бета.

Тенкот Т-72МС тежи 44,5 тони, а развива максимална брзина од 60 километри на час. Тој е вооружен со топ од 125 милиметри и со борбен сет од 42 проектили, митралез ПКТ 7,62 милиметри со борбен сет од 2.000 куршуми и митралез КОРД 12,7 мм со борбен сет од 600 куршуми.

Оклопно-извидничкиот автомобил БРДМ-2МС е наменет за извидување во сите борбени операции и за сите видови извидување на копно и вода. Може да се користи за борбено осигурување, борба со непријателски единици за осигурување, за транспорт на курири и офицери за врска, како средство за комуникација, како команден автомобил и за напади на непријателски десантни сили.