Воената хунта во Мјанмар се заканува со распуштање на партијата на Аунг Сан Су Чи

Приврзаници на Аунг Сан Су Чи за време на протест против воениот удар пред кинеската амбасада во Јангон, Мјанмар. 21.02.2021.

Воената хунта којашто е на власт во Мјанмар од пучот на 1 февруари, се заканува дека ќе ја распушти политичката партија на соборената шефица на цивилната влада Аунг Сан Су Чи, повикувајќи се на проневера за време на парламентарните избори, изјави официјално лице, пренесува АФП.

Истрагата што се спроведува во врска со резултатите од изборите одржани во ноември 2020 година е скоро завршена, изјави претседателот на изборната комисија на Мјанмар, Теин Со.

Тој беше прашан што ќе се прави со Националната лига за демократија - партијата која дејствувала незаконски, и дали треба да се одлучи дали партијата да се распушти и дали ќе се покрене обвинение против оние кои извршиле незаконски дејствија, Со изјави: „ќе размислиме и ќе преземеме акција“.

Изборната комисија вчера се состана со политичките партии за да разговара за можните промени во изборниот систем. Но, претставниците на Националната лига за демократија (НЛД) на соборената премиерка не беа присутни.

Лидерот на хунтата, генерал Мин Аунг Хлаинг го оправда државниот удар со обвинувања за проневера на парламентарните избори во ноември, на кои партијата НЛД победи со огромно мнозинство

Локалните медиуми во четвртокот објавија дека воената хунта ја укинала возраста за пензионирање на генералот. Тоа на Мин Аунг Хлеинг ќе му овозможи да остане на функцијата дури и кога ќе наполни 65 години, во јули.