САД формално ставија на црна листа повеќе од десетина руски бродови вклучени во изградбата на речиси завршниот гасовод „Северен поток 2“, неколку дена по ослободувањето на рускиот оператор и извршен директор на гасоводот.
Широко очекуваниот потег објавен доцна на 21 мај од страна на Министерството за финансии, дојде во време на жестоки критики од републиканците во Конгресот за претходното соопштение на Белата куќа дека во новите санкции нема да биде вклучен операторот на гасоводот во сопственост на Русија.
Гасоводот, кој скоро е завршен, од Балтичко Море ќе донесе руски гас директно во Германија, заобиколувајќи ги копнените патишта преку Украина, Белорусија и други земји.
Критичарите велат дека тоа ќе ја зголеми германската зависност од руските резерви на енергија и ќе го направи Берлин поподложен на руската политика. Исто така, на Украина и на другите земји ќе им се одземат профитабилни такси за транзит.
Сепак, гасоводот е поддржан од владата на канцеларката Ангела Меркел, а политичките набљудувачи велат дека претседателот Џо Бајден изгледа дека не сака да се бори со сојузникот на САД околу ова прашање.
Стејт департментот претходно оваа недела објави дека нема да го санкционира рускиот оператор на гасоводот Северен поток 2 и неговиот извршен директор Матијас Варниг, кој е сојузник на рускиот претседател Владимир Путин.
Републиканските сенатори велат дека ќе претстават легислатива за враќање на санкциите.