Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ќе биде домаќин на министрите за надворешни работи на Австрија, Словенија и на Чешка - Александер Шаленберг, Анже Логар и Јакуб Кулханек.
Посетите следуваат откако вчера во посета на Скопје беа еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и Аугусто Сантош Силва - министерот за надворешни работи на Португалија, земја која во моментов претседава со ЕУ. Тие претходно вчера ја посетија и Софија, а претставија и предлог со цел да направат пробив во бугарската позиција за блокирање на македонските европски интеграции.
Но, бугарските политичари им порачаа дека нема промени во нивните позиции за Северна Македонија. Од друга страна, официјално Скопје предлогот го оцени позитивно.
Како што соопшти македонското Министерство за надворешни работи, Османи на денешната средба ќе информира за тековните ЕУ теми, како европското досие на земјава, реформските процеси, добрососедските односи.
„Една од централните теми ќе бидат и можностите за евроинтеграции на претстојните летни Совети на ЕУ“, се вели во соопштението на МНР.
Од МНР наведуваат дека министрите за надворешни работи се во посета на земјава во својство на претставници на неформалната група земји членки на ЕУ „Ц5“ во која покрај Австрија, Словенија и Чешка членуваат и Словачка и Унгарија чии претставници веќе ја посетија Македонија.