Летните олимписки игри ќе започнат и во случај на вонредна состојба поради коронавирусот во Токио и во другите делови на Јапонија, рече потпретседателот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК), задолжен за Олимписките игри во Токио, Џон Коутс. Олимпијадата треба да започне за нешто повеќе од два месеци.
Коутс на крајот на тродневниот виртуелен состанок, рече дека Олимпијада ќе има, дури и ако локалните медицински експерти се против тоа.
„Советот што го добивме од Светската здравствена организација и од останатите научни и медицински Совети е дека сите мерки кои ги изнесовме и кои ги преземаме се задоволувачки и ќе осигураат безбедни игри во поглед на здравјето“, рече денеска Коутс.
Меѓу 60 и 80 отсто од граѓаните на Јапонија се против одржувањето на Олимписките игри во Токио, кои треба да започнат на 23 јули.
МОК неодамна соопшти дека се надеваат дека повеќе од 80 отсто од учесниците и делегациите на Олимписките игри ќе бидат вакцинирани. Се очекуваат повеќе од 11 илјади олимпијци и повеќе од 4400 параолимпијци.