НАТО ќе обучува специјалци во Авганистан и по повлекувањето

Американски војник во Авганистан

НАТО соопшти дека ќе продолжи да ги обучува авганистанските војници надвор од земјата, по повлекувањето на странските војници од земјата во септември годинава.

По разговорите со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека новата улога на НАТО ќе вклучува давање „совети и поддршка за градење капацитети на авганистанските безбедносни институции, како и континуирана финансиска поддршка“.

Тој рече дека НАТО исто така планира да обезбеди воено образование и тренинг надвор од Авганистан, со фокус на Силите за специјални операции. Се уште не е јасно каде ќе се одржуваат овие тренинзи.

Американскиот претседател Џо Бајден најави дека до 11 септември ќе бидат повлечени сите американски војници од Авганистан. Исто така ќе се повлечат и другите членки на НАТО. Постојат стравувања дека талибанците може да ги поразат авганистанските сили и да ја преземат власта по повлекување на странските сили.