Бочварски - Автопатот Кичево - Охрид ќе биде завршен кон крајот на 2023 или на почетокот на 2024 година

Градежни работи на автопатот Охрид - Кичево

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, денеска рече дека според зацртаната динамика и интензитет на градба се очекува автопат Кичево - Охрид да биде завршен кон крајот на 2023 или почетокот на 2024 година, но неговата цена нема да се зголеми, односно ќе остане 598 милиони евра како што беше договорено во 2018 година.

Тој денеска изврши увид во работите на автопатот заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми.

Автопатот почна да се гради во 2014 година и требаше да биде готов во 2018 година, но поради проблеми во проектот беше потпишан анекс на договорот со кој цената се зголеми за скоро 200 милиони евра, а рокот за изградба беше продолжен до јуни годинава. Бочварски најави нов анекс со кој рокот за изградба повторно ќе се продолжи.

Автопатот го гради кинеската компанија Синехидро со кредит кој Македонија го доби од кинеската Ексим банка.