Надежите дека европската политичка двојка Оливер Вархеји и Аугусто Сантош Силва со својот предлог ќе направат пробив во бугарската позиција за блокирање на македонските европски интеграции, згаснаа претпладнето во Софија. Бугарскиот главен град беше првата станица на еврокомесарот за проширување и на министерот за надворешни работи на Португалија, земја која во моментов претседава со ЕУ. Пораката дека нема промена во позицијата ја пренесе шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев.
Вархеји и Силва од таму слетаа на скопскиот аеродром каде што ги пречека македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи. На работен ручек со премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Никола Димитров и министерот Османи им беше презентиран предлогот, кој официјално Скопје позитивно го оцени.
Заев рече дека заедно со двајцата соработници сериозно и одговорно ќе ги разгледале сите детали од предложеното решение.
„Важно е дека, во овој момент јасно и одговорно можеме да кажеме дека предлогот е добра основа за постигнување решение за проблемот, решение со кое ќе се отстранат сите пречки и ќе се отворат преговорите преку одржување на првата меѓувладина конференција за Северна Македонија“, рече премиерот Заев..
Видете и ова: Заев: Европските лидери разбираат дека македонскиот идентитет не е за преговориТој нагласи дека е особено важно е што со предлог решението никако не се допира и не се навлегува во македонски идентитетски прашања, со што круцијална позиција била задоволена, а додаде и дека силно биле убедени дека предлогот е добра основа и за круцијалните позиции на Бугарија.
„Ја имаме добрата волја, внимателни сме и имаме разбирање за нашите соседи, ги имаме нашите јасни идентитетски македонски позиции за кои не преговараме, а за кои Брисел покажа разбирање, и се надевам дека со ист таков пристап ќе се сретнеме со Софија за доброто на двата народа и за заедничката иднина на двете земји како соседи и пријатели, како членки на НАТО и како идни партнери и членки на ЕУ“, рече Заев.
Силва- средбите ќе ни помогнат во нашата работа
Силва, пак, од Клубот на пратениците во Скопје, каде што се одржа средбата рече дека нивна цел, како претседавачи со ЕУ е да добијат одобрување од сите земји членки на Европската унија за преговарачката рамка со Албанија и Република Северна Македонија.
„Имавме навистина плодна работна средба и таа ни даде увид во позициите, во интересите и во ставовите на Република Северна Македонија, а сметаме дека тоа ќе ни помогне во нашата работа со претседателствување“, рече Силва.
Од кабинетот на македонскиот претседател Стево Пендаровски соопштија дека со Силва разговарале за „можностите за напредок на Северна Македонија во евроинтеграциите, во пресрет на одржувањето на Советот на Европската Унија следниот месец“.
„Соговорниците разменија информации и мислења за билатералните прашања врзани со добрососедските односи, во контекст на надминување на проблемите со Бугарија“, информираа од кабинетот на претседателот.
Поинакви пораки од Софија
Во Бугарија Вархеји и Силва се сретнаа со бугарскиот претседател Румен Радев, службениот премиер Стефан Јанев и службениот министер за надворешни работи Светлан Стоев, поранешниот премиер а сега лидер на ГЕРБ Бојко Борисов, неговата сопартијка, поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.
„Ние сакаме да видиме не декларации, туку јасни гаранции за нашата национална сигурност и за нашите национални интереси”, соопшти по средбите бугарскиот претседател Румен Радев.
Видете и ова: Бугарското МНР ја повика хрватската амбасадорка на разговор поради МакедонијаМинистерот Стоев пак рече дека се отворени за одговорен, откриен и целосен дијалог со Скопје и дека очекуваат да работат во дух на искреност и конструктивност.
„Сакам да нагласам дека за таа тема има целосен континуитет и не може да се очекува промена во националната позиција на Бугарија во однос на РС Македонија“, рече министерот Стоев.
Бугарската агенција БГНЕС пак го објави како што тврди и предлогот што го донеле, а кој не бил прифатлив за Бугарија зошто го враќале разговорот една година назад, биле во спротивност со бугарската позиција пресликана во решенијата на сите бугарски власти и поддржана едногласно од сите бугарски политички партии.
Што содржи предлогот ?
Предлозите, пишува БГНЕС, во пракса значат тргнување на секакви гаранции за исполнување на можните договорени работи кои се основен проблем во односите на Република Северна Македонија со Бугарија и Европската унија како целина. Агенцијата тврди дека го има документот и објавува дел кој наведува дека е од него.
„Документот во пракса ги префрлува бугарските предлози во рамки на Процесот за стабилизација и асоцијација кој е процес во кој нема никакви оперативни решенија. За разлика од процесот на пристапните преговори во рамките на Процесот за стабилизација и асоцијација на Бугарија и се одзема можноста за реагирање ако РСМ повторно не ги исполнува обврските. Од документот станува јасно дека властите во Скопје треба да направат патоказ чие исполнување треба да се следи во рамките на Процесот за стабилизација и асоцијација но тоа има само козметички и неоперативен карактер“, пишува агенцијата.
Во предлогот на португалското претседателство, наведува понатаму агенцијата, се предвидува да има еднострани декларации на Бугарија и РСМ, а се предлага „РСМ да признае дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година“, но тоа, како што пишуваат е одамна признат факт од властите во Скопје.
Понатаму, се предлага двете држави да разменат декларации за краткото и долгото име на РСМ а како апсолутен преседан агенцијата го оценува тоа што во предлогот се зборува за црвените линии на РСМ. Според пишувањете на бугарскиот медиуми, овој документ всушност е повторување на веќе предложеното решение од германското претседателство со Европската унија при крајот на минатата година.